Во Управата за хидрометеоролошки работи пуштен е во употреба Соларниот тест центар, лабораторија во која ќе се испитува квалитетот на соларните колектори, прв проект од ваков тип на Балканот.
Инвестицијата е вредна 300.000 евра и се реализираше три години како дел од билатералната соработка меѓу владите на Македонија и Австрија.
– Соларните технологии го менуваат начинот на обезбедување енергија, ја редуцираат нашата зависност од горивата, го подобруваат квалитетот на воздухот и ги намалуваат емисиите на стакленичките гасови. Развојната соларна индустрија ја стимулира и економијата преку отворање работни места во соларното производство и инсталацијата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ацо Спасеноски пред отворањето на лабораторијата.
Спасеноски нагласи дека Соларниот тест центар ќе има комерцијален карактер, односно ќе наплатува за своите услуги, не само од домашните корисници туку и од оние од регионот.
Амбасадорот на Австрија во Македонија Алоис Крауд потенцира дека искористувањето на обновливите извори енергија е од особено значење денес, посебно поради актуелната енергетска криза. Тој порача дека Македонија, како земја кандидат за членство во Европската унија, од овој аспект, мора да ги исполни европските стандарди.
– Македонија мора и ние сме сигурни дека може да ги достигне европските високи стандарди во однос на искористувањето соларна енергија и истовремено да ја зголеми енергетската независност, а со тоа да ги подобри стандардите на животната средина, рече Крауд.