И покрај исклучително поволните климатски услови за користење на сончевото зрачење во нашата држава, кои се далеку подобри од скоро сите Европски земји, искористувањето на сончевата енергија во нашата држава е меѓу најниските во Европа. Најефикасен и најеколошки начин за добивање на топлинска и електрична енергија без загадување на околината и намалување на CO2 е преку користење на сончеви термални, фото/термални или фотоволтаични системи.

Активното вклучување на домаќинствата и нивно поттикнување за инсталирање на фотоволтаични или фото-термални системи на кровните површини е клучна во целиот процес на граѓанската енергија, намалување на енергетската сиромаштија, како и демократизација на целиот процес на енергетската транзиција. Со оглед на тоа што Република Северна Македонија е на почетокот на имплементацијата на енергетската транзиција, целта е да се дадат јасни препораки кои директно ќе влијаат на зголемената имплементација на обновливите извори на енергија од страна на граѓаните. Поради тоа Солар Македонија заедно со Еко Свест и Центарот за истражување и информирање за животна средина преку NDI Програмата за антикорупциска поддршка на граѓанското општество, ќе објават „Предлог препораки за воведување на поддршка за домаќинствата што ќе поттикне инсталација на фотоволтаични, фото-термални и термални системи“.

Со воведување на категоријата учесници на пазарот со електрична енергија „потрошувач-производител“, која ги опфаќа и домаќинствата, покрај заштеда на електрична енергија и пари во домаќинството, односно производство на електрична енергија за сопствени потреби, овозможени се и низа други поголеми предности. На ваков начин се намалува потребата за производство на електрична енергија од фосилни горива, што резултира со подобрување на квалитетот на воздухот, ублажување на климатските промени и заштита на животната средина, а со тоа учество во енергетската транзиција на нашата земја кон обновливи извори на енергија. Производството на енергија од обновливи извори, во ситуација кога има голема побарувачка на енергија на пазарот и чии цени на меѓународниот пазар уриваат рекорди, помага електроенергетскиот систем на нашата земја да стане постабилен, се намалува потребата за увоз на електрична енергија, со што директно помагаме и врз економијата нанашата земја. Во интерес на ова, во рамките на овој проект ќе биде објавена и Анализа за исплатливоста за домаќинствата од поставувањето на фотоволтаични, термалните и фото/термалните системи, со различна потрошувачка на електрична енергија на месечно и годишно ниво со различен капацитет на фотоволтаичните, термалните и фото/термалните системи.“

 

 

Views: 62