Проектот „Подигање на европските стандарди кај ММСП кои работат со соларна технологија“ (Increasing the European standards in MSMEs that work with solar technology) во главно, опфаќа три активности.

Платформа за енергетска ефикасност – Солар Македонија ќе дизајнира веб платформа која ќе содржи информации за пошироката јавност како што се важните стандарди за инсталирање на термални, фотоволтаични и фото/термални соларни системи. Во рамките на платформата ќе може да се најде и список на компании кои се членки на Асоцијацијата (домашни или меѓународни) кои работат со инсталирање, производство или трговија на соларна опрема како и список на лиценцирани монтажери на соларни системи. Предвидено е да има и поле за доставување информации/барања за отворени работни места од нашите компании-членки. Платформата ќе биде врска помеѓу приватниот сектор и кандидатите кои завршиле обука за монтажери на соларни системи или проектанти на соларни системи.

Обука за монтажери на соларни системи – Монтажерите на соларни системи се соочуваат со проблеми околу следењето на новите трендови во соларниот сектор, па затоа при градење на фотоволтаични централи се увезува работна сила. Со цел да се зголеми бројот на обучени монтажери на соларни системи во нашата држава, Солар Македонија ќе организира обука за монтажери на соларни системи со ажурирани модули според потребите на пазарот. Обуката ќе биде верифицирана од страна на Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование. Сите кандидати кои успешно ќе ја завршат обуката ќе се стекнат со сертификати кои се признати од јавните институции. Обуката ќе се одржи во декември 2023 и јануари 2024 год.

Обука за пристап до фондовите на ЕУ – Со цел да имаат придобивки од можностите за финансирање како што се Хоризонт Европа, ИПАРД, Клима КИЦ и многу други, компаниите треба да бидат свесни за достапните можности и барањата за учество во програмите. Пристапот до фондовите на ЕУ може да биде вреден ресурс за компаниите во многу индустрии, вклучително и производството, земјоделството, туризамот и технологијата. Обуката за пристап до фондовите на ЕУ ќе резултира со најмалку 10 претпријатија кои ќе бидат поддржани и обучени. Солар Македонија ќе ги охрабри бизнисите во сопственост на жени да пристапат до програмата за обука. Обуката ќе се спроведе во март и април 2024 год.

Проектот „Подигање на европските стандарди кај ММСП кои работат со соларна технологија“ е предводен од Асоцијацијата за соларна енергија „Солар Македонија“, а финансиски е поддржан од УСАИД во рамките на Rapid Response грантовите, спроведувани од Консалтинг за стратешки развој.

Views: 47