Јавна расправа за подзаконските акти од новиот закон за енергетика

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши, учествуваа на јавната расправа, на која беа презентирани предлог текстовите на Правилникот за обновливи извори на енергија и Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, подзаконски акти кои произлегуваат од новиот Закон за енергетика.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека подзаконските акти кои се презентираат, се обврска која произлегува од Законот за енергетика, усвоен во мај 2018 година, a со кои се деблокираат процесите за изградба на производни капацитети од обновливи извори на енергија, особено за фотонапонски и ветерни централи.

 

 

„Со Правилникот се воведува нова категорија корисник-производител, односно се дава можност да секое домаќинство или компанија да стане и производител на електрична енергија. Домаќинствата или малите погони, може да инсталираат фотоволтаични панели, и на тој начин освен што ќе ја користат електричната енергија за сопствени потреби, односно се потрошувачи, ќе може да станат и производители на електрична енергија. Очекуваме голем интерес кај домаќинствата и стопанствениците, со што ќе се придонесе за заштеди во домаќинствата и поекономично работење на компаниите, како и поголема инсталирана моќност во Република Македонија“, нагласи Анѓушев.

Преку Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија се дефинира дека фотонапонските и ветерните централи во најголема мерка од досегашните „Фидиг“ тарифи преминуваат на таканаречените „Премиум“ тарифи.

„Досега постоеше лимит за изградба на фотоволтаични електрани со фидиг тарифи, односно субвенционирани цени, до изградена моќност од 18 мегавати. Откако се достигна лимитот, беше стопирана изградбата на овие централи, веќе неколку години, а сите знаеме дека Република Македонија е земја која што има услови за производство на електрична енергија од сонце. Преку усвојување на подзаконските акти се деблокира овој процес. Државата ќе распишува аукции, на кои секој заинтересиран инвеститор ќе може да учествува, а еден од главните критериуми ќе биде пониската понуда за субвенции од државата. Притоа за да се развива слободниот пазар на електрична енергија, инвеститорите произведената енергија ќе ја продаваат на слободен пазар “, потенцираше Анѓушев.

Владата на Република Македонија веќе има одредени парцели државно земјиште, кое ќе биде урбанизирано и ќе се направат напори да се овозможи приклучок на електропреносната мрежа, а потоа на транспарентен начин ќе се овозможи на сите инвеститори да аплицираат за изградба на фотонапонски централи на овие парцели. За да биде задоволен интересот на сите инвеститори, ќе се распишат аукции и за фотонапонски централи со моќност од 10 мегавати или повеќе, но и за помали централи со моќност од 1, 2 или 3 мегавати.

„На овој начин очекуваме, во наредниве година-две, да бидат изградени фотоволтаици со инсталирана моќност до 200 мегавати, енергија која и е неопходна на Република Македонија“, подвлече Анѓушев.

Министерот Бектеши потенцираше дека Владата силно се залага за промоција на користењето на обновливите извори на енергија и создавање на услови за поголемо вклучување во користењето на овие извори.

 

 

„Врз основа на анализите на техничко-технолошките услови, начинот за приклучување и начинот за користење и пристапот на електро-дистрибутивниот систем на оваа јавна расправа понудивме решение со кое домаќинствата-потрошувачи може да произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, а вишокот да го предаваат во електро-дистрибутивната мрежа. Со ова се дава можност на граѓаните, како и на фирми, кои се мали потрошувачи на електрична енергија и на буџетските корисници да инсталираат соодветни панели и да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби“, кажа Бектеши.

Предлогот на текстовите на Правилникот и Уредбата се подготвени од експертска група, во соработка со Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и Министерството за економија, а со финансиска и техничка поддршка на УСАИД.

Превземено од vlada.mk

Views: 96

Sharing is caring!