Покрај толку факултети, дипломирани инженери, организации и здруженија за енергетика, Македонија нема стручен кадар за монтирање соларни инсталации. Првите специјалисти за оваа проблематика земјата ги dobi vo Feb. 2010 кога заврши обуката на 16 лица. Обуката ја организира Балканската канцеларија за мало стопанство и занаетчиство при Занаетчиската комора Кобленц во рамките на проектот за економска соработка помеѓу германската покраина Рајланд Фалц со југоисточна Европа.
“Професори и инженери има многу, но кога треба да се качи некој на покрив на зграда и да инсталира вакви елементи, тогаш нема никој. Има луѓе што досега го правеле тоа, но тие се самоуки” – изјави Борис Парванов, проект-координатор.
Тој вели дека како професија сé уште нема струка специјалисти за соларни инсталации и целта на обуката е да се создаде почетен кадар, кој понатаму ќе обучува и други лица. Освен за монтажата овие луѓе ќе биде задолжени и за контрола и одржување на ваквите соларни системи.
Нивниот избор бил направен по предлог на Занаетчиската комора на Македонија, Занаетчиската комора на Скопје и регионалните комори на Куманово и Штип.
– Од контактите со нив разбравме дека нема обучен кадар за оваа работа и затоа беше потребно да се спроведе обука. Од друга страна, и самиот проект е насочен кон занаетчиството – ни изјави Оливија Штерјова, раководителка на проект биро. Обуката ја финансира германската Влада и доколку има интерес во иднина ќе се спроведуваат и други вакви курсеви за биомаса и геотермална енергија.
Курсистите се особено горди што ќе бидат првите квалификувани кадри во Македонија од овој тип. Според Жарко Кузмановски од Прилеп, би било добро во иднина државата повеќе да се вклучи преку субвенции за инсталирање на вакви системи.
Единствениот соларен парк во Македонија, каде што енергијата од сонцето се трансформира директно во струја, беше пуштен неодамна во Кадино и е дело на Звонко Марковски од фирмата „Сието“.
Со преку 260 сончеви дена во текот на годината Македонија има огромен потенцијал за користење на сончевата енергија, што всушност е и една од директивите на ЕУ.