Solar Energy Skills Boost
Проектот „Подобрување на вештините за сончева енергија“ или „Solar energy skills boost“ има за цел да им помогне на соларните компании и на потенцијалниот персонал да ги подобрат своите вештини, продуктивност и вработливост.
Во рамките на проектот се опфатени три активности:
– Обука за проектанти на термални, фотоволтаични и фото/термални соларни системи-TRNSYS – За разлика од најголемиот дел софтвери за проектирање кои се наменети само за еден тип на соларни системи, TRNSYS содржи комбинација од алатки за проектирање на сите три типови на соларни системи. Солар Македонија ќе го набави софтверот и ќе изготви прирачник за употреба на истиот. Во рамките на проектот предвидено е да се одржи и обука на 10 компании или поединци, кои имаат 2-годишно искуство во областа на енергетиката/обновливите извори на енергија и најмалку 3 релевантни проекти. Дополнително, посебен поттик за учество ќе имаат компаниите управувани од жени и жените – проектантки. Обуката ќе се спроведе во март и мај 2024 год.
– Соларен саем – На последно организираниот Соларен саем 2023 учество зедоа 24 изложувачи од 4 држави. Меѓу излагачите беа производители и трговци на сончева опрема како: фотоволтаични колектори, термални колектори, акумулаторски батерии, топлински пумпи, фото/термални колектори, громобранска заштита, системи за греење/ладење/вентилација, бакарен фитинг за термални системи, инвертори, соларни сушари, воздушни колектори, електрични велосипеди и електрични полначи, конструкции за монтажа на соларни колектори и соларни бојлери. Со искуство собрано од претходните саеми, предлози од компаниите и анализа на одговорите за нивните потреби, Солар Македонија ќе организира и Соларен саем 2024.
– Соларна конференција – Овој настан ќе се покаже како корисен за сите видови членки: монтажери, проектанти, професори и тн. На конференцијата ќе можат да се најдат информации за најновата технологија (претставени од меѓународен и домашен панелист од приватни компании) и информации за кредитни линии за енергетска ефикасност (претставени од GEFF, комерцијални банки). Конференцијата ќе се одржи на 14 декември 2023 год.
Проектот е предводен од Асоцијацијата за соларна енергија „Солар Македонија“, а финансиски е поддржан од УСАИД во рамките на Jump Start грантовите, спроведувани од Консалтинг за стратешки развој.
За проектот „Подигање на европските стандарди кај ММСП кои работат со соларна технологија“ повеќе можете да прочитате на следниот линк:
https://solar.org.mk/increasing-the-european-standards-in-msmes-that-work-with-solar-technology/