Пуштен е во употреба соларниот тест центар

Пуштен е во употреба соларниот тест центар

Во Управата за хидрометеоролошки работи пуштен е во употреба Соларниот тест центар, лабораторија во која ќе се испитува квалитетот на соларните колектори, прв проект од ваков тип на Балканот.

Инвестицијата е вредна 300.000 евра и се реализираше три години како дел од билатералната соработка меѓу владите на Македонија и Австрија.

Соларните технологии го менуваат начинот на обезбедување енергија, ја редуцираат нашата зависност од горивата, го подобруваат квалитетот на воздухот и ги намалуваат емисиите на стакленичките гасови. Развојната соларна индустрија ја стимулира и економијата преку отворање работни места во соларното производство и инсталацијата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ацо Спасеноски пред отворањето на лабораторијата.

Спасеноски нагласи дека Соларниот тест центар ќе има комерцијален карактер, односно ќе наплатува за своите услуги, не само од домашните корисници туку и од оние од регионот.

Амбасадорот на Австрија во Македонија Алоис Крауд потенцира дека искористувањето на обновливите извори енергија е од особено значење денес, посебно поради актуелната енергетска криза. Тој порача дека Македонија, како земја кандидат за членство во Европската унија, од овој аспект, мора да ги исполни европските стандарди.

Македонија мора и ние сме сигурни дека може да ги достигне европските високи стандарди во однос на искористувањето соларна енергија и истовремено да ја зголеми енергетската независност, а со тоа да ги подобри стандардите на животната средина, рече Крауд.

Прегледи: 3

Споделувањето е грижа!